ПРОГЛАС ЗА СЕМЕЈСТВОТО

Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни ја нагласи особената важност на бракот и на семејството во изјавата објавена од страна на црковното раководство (Првото претседателството) во 1995 година:

Семејство - проглас кон светот

Ние, Првото претседателство и Советот на Дванаесетте апостоли на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни, свечено прогласуваме дека бракот меѓу мажот и жената е одреден од Бога и дека семејството е во средиштето на планот на Творецот за вечната судбина на Неговите деца.

Сите човечки суштества - машки и женски - се создадени според Божјиот лик.  Секој е сакан/а духовен син или ќерка на небески родители и како таков секој има божествена природа и судбина.  Полот е суштинската карактеристика на поединечниот претсмртен, смртен и вечен идентитет и цел.
 
Во претсмртниот живот, духовните синови и ќерки го познаваа и почитуваа Бога како свој Вечен Отец и го прифатија Неговиот план според кој Неговите деца можат да добијат физичко тело и да стекнат земно искуство со цел да напредуваат кон совршенството и конечно да ја остварат својата божествена судбина како наследници на вечниот живот.  Божествениот план за среќа овозможува продолжување на семејните односи и после смртта.  Светите обреди и завети, достапни во светите храмови, на поединците им даваат можност да се вратат во Божјо присуство, а на семејствата да бидат вечно соединети.  

Првата заповед што Бог им ја даде на Адам и Ева се однесува на нивната можност за родителство како маж и жена.  Ние објавуваме дека Божјата заповед за Неговите деца да се множат и да ја исполнат земјата и понатаму е во сила.  Понатаму, изјавуваме дека Бог заповеда дека светата моќ за создавање на живот може да се користи само помеѓу маж и жена кои се законски венчани како сопруг и сопруга.  

Изјавуваме дека начинот на кој се создава смртниот живот е од Бога одреден.  Ја потврдуваме светоста на животот и неговата важност во Божјиот вечен план.  

Мажот и жената имаат возвишена одговорност да се сакаат и да се грижат еден за друг и за своите деца.  „Наследството Господово се синовите“ (Псалми 126:3).  Родителите имаат света должност своите деца да ги подигнуваат во љубов и праведност, да им ги обезбедат материјалните и духовните потреби, да ги подучуваат меѓусебно да се сакаат и да си служат, да ги извршуваат Божјите заповеди и да бидат граѓани кои ги почитуваат законите каде и да живеат.  Мажите и жените - мајките и татковците - ќе се сметаат за одговорни пред Бога за неисполнување на овие обврски.  

Семејството е воспоставено од Бога.  Бракот меѓу мажот и жената е суштински за Неговиот вечен план.  Децата имаат право да бидат родени во рамките на бракот и да ги подигнуваат татко и мајка кои во потполна верност ги почитуваат брачните завети.  Среќата во семејниот живот најдобро се постигнува кога тој се темели на учењата на Господ Исус Христос.  Успешните бракови и семејства се засновани и поддржани од принципите на верата, молитвата, покајанието, проштавањето, почитувањето, љубовта, милосрдието, работата и корисните рекреациски активности.  Според божествената замисла, татковците треба своите семејства да ги водат во љубов и праведност и одговорни се на своите семејства да им ги обезбедат животните потреби и да ги заштитат.  Маjките се првенствено одговорни за негување на нивните деца.  Во овие свети одговорности, татковците и маjките се должни меѓусебно да си помагаат како рамноправни партнери.  Инвалидитетот, смртта или некои други околности можат да бараат приспособување на поединци.  Ако е потребно, поширокото семејство треба да даде поддршка.  

Предупредуваме дека поединците кои ги прекршуваат заветите на чедност, кои насилно се однесуваат кон брачниот другар или кон децата, или кои не ги исполнуваат семејните обврски, еден ден ќе застанат одговорни пред Бога.  Освен тоа, предупредуваме дека распаѓањето на семејството ќе им донесе на поединците, заедниците и народите несреќа претскажана од древните и од современите пророци.
 
Ги повикуваме одговорните граѓани и надлежните лица во владите ширум светот да ги потпомагаат овие мерки осмислени заради поддршка и јакнење на семејството како основна единица на општеството.  

Овој проглас го прочита претседателот Гордон Б. Хинкли како дел од својата порака на Општиот состанок на Потпорното друштво одржан на 23 септември 1995 година, во Солт Лејк Сити, во Јута.