15. April 2012

Мормонското волонтерство истакнато во нова студија

Како е Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни (мормони) и понатаму под зголемено внимание на медиумите, извршена е една нова студија која се фокусира на дарежливите добротворни донации и волонтерството на активните светии од подоцнежните дни во Соединетите Американски Држави. Професорот Рам Кан од Универзитетот во Пенсилванија и неговите колеги, истражувачите Ван Еванс и Даниел В. Куртис, заеднички ја објавија студијата насловена „Повикани да служат:   Просоцијално однесување на активните светии од подоцнежните дни.“

Спонзорирани од Школата за социјална политика и практика при Универзитетот во Пенсилванија, тим на истражувачи ги анализираше податоците од анкетата спроведена меѓу 2.664 активни светии од подоцнежните дни што живеат ширум целата земја. Врз основа на нивните наоди, авторите заклучија дека активните светии од подоцнежните дни „волонтираат и донираат значително повеќе од просечен Американец и дека се подарежливи во време и пари од горниот квинтил на религиозните луѓе во Америка.“

Волонтерство

Според податоците, додека просечен Американец волонтира околу 48 часа годишно (4 часа месечно) за добротворни цели, еден активен светија од подоцнежните дни волонтира 427,9 часа годишно (35,6 часа месечно) - придонес во вредност од околу 9.140 американски долари на годишно ниво.

Секако, голем дел од волонтерството на светиите од подоцнежните дни има религиозна природа; на пример меѓу другото, верниците доброволно го даруваат своето време за да ги подучуваат младите за Светите писма или помагаат да се подготви капелата за неделната богослужба, помеѓу другото. Сепак, како што студијата укажува, активните членови на Црквата, исто така, посветуваат 151,9 часа годишно за да служат во црковните социјални и општествени иницијативи, како што се извидниците на Америка или црковните светски програми за хуманитарна помош. Покрај овие активности, студијата покажа дека поединечните членови даваат дополнителни 34 часа годишно за други социјални цели што не се поврзани со Црквата.

Добротворни донации

Резултатите, исто така, покажаа дека 88,8 проценти од активните светии од подоцнежните дни ја следат библиската заповед за десеток (да донираат на Црквата 10 проценти од својот годишен приход).
Освен десетокот, еден активен светија на подоцнежните дни донира во просек  1.171 американски долар годишно за хуманитарни цели што не се поврзани со Црквата. Тие исто така во просек даваат 650 американски долари за црковните социјални програми за благосостојба. На кратко, еден активен член не само што донира целосно 10 проценти од својот приход на Црквата, туку донира просечно и 1.821 американски долар за други социјални и општествени цели.

„Општо ние утврдивме дека [светиите на подоцнежните дни] се најизразено просоцијални членови на американското општество“, се вели во студијата.   „Без оглед на тоа каде живеат, тие се многу дарежливи со нивното време и пари.“

Објавените резултати дополнително укажуваат на тоа дека овие „просоцијални однесувања“ се одраз на учењата на светиите од подоцнежните дни во кои се нагласуваат служењето и милосрдието. Впрочем, членовите веруваат дека Исус Христос им заповеда на Неговите следбеници меѓусебно да си служат и да се сакаат. Ова возвишено учење продолжува со светиите од подоцнежните дни да одѕвонува ширум светот. Во едно скоро обраќање, претседателот на Црквата Томас С. Монсон рече: „Додека гледаме кон небото, ние неизбежно учиме за нашата одговорност да досегнеме до другите.“

Тој понатаму рече: „За да ја најдеме вистинската среќа, ние мора да трагаме по неа надвор од себе. Никој не го спознал значењето на живеењето сè додека не го предал своето его во служба на својот ближен. Служењето на другите е чин на должност, исполнување што носи вистинска радост. Ние не живееме сами - во нашиот град, нашата нација, или во нашиот свет. Не постои линија на разделување меѓу нашиот просперитет и бедата на нашиот сосед. ‘Љуби го ближниот свој’ е повеќе од божествена вистина. Тоа е патоказ кон совршенството.“