07. January 2012

Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни пушта корени во Македонија

Elder Erich W. Kopischke

Христијанска црква со повеќе од 14 милиони верници во светот се основа во Република Македонија. Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни е регистрирана на 18 ноември 2011 година во Единствениот судски регистар на цркви, верски заедници и религиозни групи. Сега, членовите и пријателите на Црквата се подготвени заедно да чекорат напред, извршувајќи позитивно влијание во македонските заедници.

 „Народот на Македонија го чувствуваме многу близок“, изјави Ерих Копишке, претседател на Европското подрачје на Црквата. На покана на Министерството за култура на Република Македонија, претседателот Копишке учествуваше на Втората светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која се одржа од 6 до 8 мај 2010 година во Охрид. За време на своето обраќање на конференцијата пред неколку стотици владини лидери, научници и претставници на цркви и верски заедници, претседателот Копишке изјави: „Ние сме луѓе со добра волја, подготвени да им се придружиме на другите во одбраната на она што е доблесно, убаво, на добар глас или за пофалба. “

Црквата започна со своите активности на Балканот во 1899 година. Иако во моментов членството во Македонија е многу мало, околу 1.000 членови живеат во поранешните југословенски републики. Веројатно најпознатиот член на Црквата од Балканот е Крешимир Ќосиќ. Познатиот кошаркар настапуваше за Југославија на четири Олимписки игри, а во 1980 година го водеше својот тим до златниот медал. Почина во 1995 година, но други верни членови ја продолжија службата на Црквата ширум некогашна Југославија.

Во името на Црквата, на 9 септември 2010 година старешината Расел М. Нелсон, меѓународно реномиран хирург и апостол на Црквата, на планината Водно изрече посебна молитва за народот и државата Македонија. „Благослови ги луѓето на оваа Република со љубов Твоја, наш Оче, и љубов на нивните сограѓани“, рече старешината Нелсон.  „Благослови ги со мир и просперитет, со умови отворени за вистината и знаењето со вечно значење.“

Во 1997 година, Црквата започна со давање на хуманитарна помош за народот на Македонија. Таа досега има спроведено осум проекти и донирано разни материјали, како што се технологија и материјали за библиотеката на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, потрошен материјал за локални домови за деца без родители, како и опрема и потрошен материјал за организации чија работа се извршува во заедницата. Во 2001 година, црквата соработуваше со хуманитарната организација Mercy Corps International Macedonia во донирањето на 40-метарски контејнери полни со хигиенски предмети, храна, зимска облека и ќебиња. Овие материјали се распределени помеѓу луѓето во Тетово. Неодамна, оваа есен, беше одржана обука за постпородилна реанимација со цел да се помогне при спасувањето на животите на бебињата родени со проблеми во дишењето.

 Оние кои се заинтересирани да дознаат повеќе за Црквата, може да пристапат до нејзината интернет страница www.crkvata-na-isus-hristos.org.