12. July 2012

Црквата и нејзината финансиска независност

СОЛТ ЛЕЈК СИТИ —

Растот на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни од неискусна група на погранични Американци до глобална вера која ги благословува животите на милиони луѓе е приказна за голем религиски успех во 19 и 20 век.

Од самиот почеток, членовите на Црквата покажаа извонредна способност да се откажат од материјалните нешта за духовни цели. Еден од најраните членови на Црквата, Мартин Харис, го заложи својот имот за да плати за објавувањето на Книгата на Мормон.  Другите примери исто така обилуваат со пожртвуваност меѓу првите светии од подоцнежните дни.

Прогонувани од едно место во друго — од Мисури до Илиноис па до далечните простори за западната граница — членовите на Црквата неколку пати ги напуштаа своите домови, имоти и домашни работи кои со толку љубов ги негуваа. Во моментот кога тргнаа на последното големо патување преку американските прерии до Карпестите планини, многумина веќе беа осиромашени. Оние меѓу нив кои патуваа туркајќи ги пред себе рачните колички затоа што не можеа да си дозволат користење на запрежни коли, потресно се сведоштво за тој факт.

Бригам Јанг еднаш рече дека ако светиите на подоцнежните дни имаа барем 10 години без да трпат насилство во долините на Карпестите планини, ќе можеа да се формираат како независен народ. Со текот на времето, визијата на Бригам Јанг за штедливи, независни и духовни луѓе се оствари во голема мера.

Меѓутоа, до потполна финансиска независност и ослободеност од долгови ќе поминат уште неколку децении. Историчарите денес ги посочуваат раните 1900 години како на период кога Црквата конечно имаше пресврт во својот развој и се ослободи од децении на долг — посебно укажувајќи на проповедта на претседателот на Црквата Лоренцо Сноу, во која ги повика светиите на подоцнежните дни да ја обноват својата посветеност кон начелото на десетокот.

Десетокот е древно библиско начело и се практикувало од многу цркви низ вековите. Меѓутоа, независни студии покажуваат дека никаде во Америка денес начелото на десетокот не е толку широко и верно спроведувано како меѓу членовите на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни. Повеќето приходи со кои се управува Црквата доаѓаат од десетокот, а не од деловно работење или од инвестиции.

Десетокот се покажа како голем благослов за Црквата и за нејзините луѓе, заедно со едноставните и здравите економски начела како што се избегнување на долгот, живеење во рамките на можностите и одвојување на страна за црни денови.

Клучот на разбирањето на црковните финансии е во сфаќањето дека тие се средство за остварување на целта. Тие ѝ овозможуваат на Црквата да ја спроведува својата религиска мисија низ целиот свет.

Дали Црквата има профитно ориентирани дејности? Да. Во црковната најрана историја, како што беше нужно преселување во далечното подрачје Intermountain West, некои од тие дејности беа нужни поради едноставниот факт дека не постоеја на друго место во заедницата. Постепено, со развивањето на приватниот сектор и со опаѓањето на потребата за дејностите кои ги имаше Црквата, тие дејности се продадени, донирани на заедницата или прекинати. Банката „Zions“ и болницата „LDS Hospital“ се такви примери.

Денес, црковниот деловен имот му дава поддршка на црковната мисија и начела, служејќи како фонд за црни денови. Земјоделските поседи, кои сега работат како профитно ориентирани претпријатија, можат да бидат претворени во добротворни имоти во случај на глобална прехранбена криза. Компаниите како што се „KSL“ Телевизија и „Deseret News“ овозможуваат стратешки вредни средства за комуникација.   

Приходите од десетокот се користат за поддршка на пет клучни подрачја на активност:

·         Овозможување на членовите низ целиот свет објекти или простории за богослужба. Имаме илјадници такви објекти и продолжуваме со отворање на нови, понекогаш и неколку седмично.

·         Овозможување на образовни програми, вклучувајќи и поддршка за нашите универзитети и за програмите на веронауката и институтот.

·         Поддржување на црковната мисионерска програма низ целиот свет.

·         Изградба и водење на скоро 140 храмови низ целиот свет и управување со најголемата светска програма за семејна историја.

·         Поддршка на црковните добротворни програми и хуманитарни активности, кои им служат на луѓето низ целиот свет — и на членовите и на оние кои тоа не се.

Повремено, некои луѓе, вклучувајќи ги и новинарите, се обидуваат да ја одредат паричната вредност на Црквата на ист начин како го проценуваат имотот на трговските друштва. Такви споредувања едноставно не можат да се прават. На пример, подружниците или продавниците на трговските друштва мора да бидат финансиски оправдани како извор на профит. Но секогаш кога Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни изгради место за богослужба, тој објект станува потрошувач на средствата и финансиска обврска која мора да се исполни преку донациите на членовите од целиот свет. Понатамошното одржување и чување, плаќањето на комуналните услуги и користењето на објектите може да се постигне само додека верните членови продолжуваат да ѝ даваат поддршка на Црквата.

Повремено некој ќе се обиде да ги процени приходите на Црквата и да одреди кој дел се користи за грижа за сиромашните и за унесреќените. Но, тие ретко ја гледаат целата слика. Основните начела врз кои се темелат црковните добротворни и хуманитарни активности се служење и самостојност по примерот на Христос.

Скоро 30.000 бискупи кои ги надгледуваат своите конгрегации имаат директен пристап до црковните средства како би се грижеле за оние на кои им е потребна помош, но и како би им овозможиле на членовите да постигнат самостојност.

На плоштадот Welfare Square во Солт Лејк Сити, каде што Црквата во своите складишта подготвува стоки за дистрибуција, некои процедури би биле поефикасни кога би биле автоматизирани. Наместо тоа, Црквата се одлучи за повеќе работно интензивно производство која на луѓето им дава можност да служат, а на корисниците на добротворните средства да го одработат тоа што го добиваат. Ова не е модел на трговско работење, ова е модел на помагање на луѓето самите да си помогнат. Целта на Црквата е да им помогне на поединците да ги совладаат овоземните пречки додека ги бараат духовните вредности.

Објавените бројки во врска со нашите хуманитарни активности ги вклучуваат само доларите потрошени директно на хуманитарната служба. Црквата ги апсорбира административните трошоци. Понатаму, тие бројки не ја прикажуваат црковната опсежна добротворна служба и службата за вработување која им помага на илјадници луѓе во светот. Тие не ги прикажуваат ни продавниците на Deseret Industries кои даваат бонови на други добротворни организации за нивно користење, донации на јавни кујни и хуманитарно или добротворно ориентирана мисионерска служба или поддршка дадена со цел да се помогне мисијата на други хуманитарни организации. Стотици илјади донирани часови на служба им даваат поддршка на црковните програми како што се овие.

Црквата постои за да ги подобри животите на луѓето во целиот свет, приближувајќи ги кон Исус Христос. Имотот на Црквата се користи за да се поддржи таа мисија. Објектите се градат со цел членовите заедно да имаат богослужба и да учат за Евангелието на Исус Христос. Мисионерите се испраќаат за да ги повикуваат луѓето да му се приближат на Христос. Средствата се користат за да се обезбеди храна и облека за унесреќените и да се овозможи начин луѓето да се издигнат и да бидат самостојни. Она што е важно не е трошокот, туку резултатот. Како што рече бившиот претседател на Црквата, Гордон. Б. Хинкли: „Единственото право богатство на Црквата е верата на нејзините луѓе.“

Оние кои се обидуваат Црквата да ја опишат како институција посветена на собирање на финансиско богатство, не ја разбираат смислата: целта на Црквата е да ги доведе луѓето до Христос и да го следи Неговиот пример со преземање на товарот на оние кои страдаат. Клучот за разбирањето на Црквата е во тоа на неа да не се гледа како на светска корпорација, туку како на милиони верни членови во илјадници конгрегации низ целиот свет кои го следат Христос и се грижат едни за други и за своите ближни.