03. March 2012
By: Филип М. Волмар

Нова тројна комбинација објавена на руски јазик

Издание на нова тројна комбинација составена од книгите Книгата на Мормон, Учење и завети и Скапоцениот бисер, споени во еден том, сега е достапно и на руски јазик.

 „Ги поттикнуваме членовите да набават свои примероци на Светите писма и да ги користат при редовните индивидуални и семејни проучувања, како и за време на црковните состаноци и задолженија,“ се вели во писмото од Првото претседателство, упатено до врховните власти и црковните водачи во единиците каде што се користи рускиот јазик.  „Додека членовите со молитва учат и подучуваат од Светите писма, нивните сведоштва ќе растат и ќе добијат поголемо водство во секојдневниот живот.“

 Новиот том е достапен веднаш преку локалните црковни дистрибутивни центри, преку интернет продавницата, онлајн на веб-страницата за Светите писма и преку апликацијата Евангелска библиотека) за мобилни уреди.  Со ова издание, бројот на јазиците на кои тројната комбинација е објавена нарасна на 44.

 Книгите Книгата на Мормон, Учење и завети и Скапоцениот бисер на руски јазик порано беа достапни одвоено.  Освен што книгите ги спојува во еден том, новото издание вклучува наслови и резимеа на поглавја, фусноти, кросреференци и Водич за Светите писма, сè достапно по прв пат.   (Водичот за Светите писма содржи азбучен редослед на библиски теми, кои вклучуваат детални описи и дефиниции, важни референци и кросреференци за слични теми.)

 Русија, географски најголемата земја во светот, е дом на повеќе од 21 000 членови на Црквата.  Иако пророкот Џозеф Смит повика мисионери во Русија во 1843 година, неговото мачеништво ја одложи формалната мисионерска работа во земјата сè до 1895 година, кога шведски мисионер го крсти првото семејство во Русија.  Во мај 1991 година Црквата е официјално призната во Русија.

 Во јуни минатата година, старешината Расел М. Нелсон од Кворумот на Дванаесетте апостоли го основа првиот руски кол во Москва.