15. November 2012

Мормонска етика на учтивоста

<xml> Normal 0 21 false false false DE ZH-CN X-NONE MicrosoftInternetExplorer4 </xml>

Политичкиот свет е вознемирен. Економиите се несигурни. Довербата на јавноста ослабува. Поединците се чувствуваат ранливо. Социјалната поврзаност слабее. Во меѓувреме, приказни на бес и вознемиреност ги исполнуваат нашите звучни бранови, улиците и градските сали. Каде се гласовите на урамнотеженост и умереност во овие екстремни времиња? Во текот на неодамнешното обраќање во меѓуверско окружување, претседателот на Црквата Томас С. Монсон изјави: „Кога духот на добра волја го поттикнува нашето размислување и кога со обединети напори работиме на заедничките проблеми, резултатите може да бидат особено задоволувачки.“ Исто така, поранешниот претседател на Црквата, Гордон Б. Хинкли, еднаш рече дека живеењето „заеднички во заедница со почитување и со грижа еден за друг“ е „одлика на цивилизираност“. Таквата одлика е под зголемена закана.

Многу навики и конвенции на современата култура - сеприсутните медиуми, анонимното и недоверливо онлајн учество, политизацијата на рутината, распаѓањето на заедницата и на семејниот живот - ги поткопуваат доблестите и начините кои го прават возможен мирниот соживотот во едно плуралистичко општество. Структурата на цивилното општество се распаѓа кога ја растргнуваат неговите екстремитети. Учтивоста тогаш станува мерка за нашиот колективен и индивидуален карактер како граѓани на демократијата.

Здравата демократија одржува рамнотежа со различни средства, вклучувајќи колаж од различни интереси и ефикасен систем на владини проверки. Но сепак, во крајна линија, таа се потпира на интегритетот на луѓето. Зборувајќи на Генералната конференција, полугодишно светско собирање на Црквата, старешината Д. Тод Кристоферсон од Кворумот на Дванаесетте апостоли изјави: „На крај, само внатрешниот морален компас на секој поединец може ефикасно да се справи со коренот на причините и со симптомите на социјалното распаѓање.“ Исто така, претседавачкиот епископ, Х. Дејвид Бартон, нагласи дека доблестите на верност, милосрдие, великодушност, понизност и одговорност „ја формираат основата на христијанскиот живот и се надворешна манифестација на внатрешниот човек“. Така, моралните доблести се вклопуваат во граѓанските вредности. Сериозноста на нашите заеднички предизвици бара подеднакво сериозен ангажман со разумни идеи и решенија. Она што ни е потребно е ригорозна дебата, а не злобна кавга.

Учтивоста не е само прашање на дискурс. Првенствено, тоа е начин на ангажираност. Технолошката поврзаност на општеството ја направи изолацијата невозможна. Од сите институции во современиот свет, религијата има, можеби, најголеми тешкотии во адаптацијата кон реалноста на давањето и земањето со јавноста. Денес, а и во текот на својата историја, Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни постојано во својата интеракција со јавноста се соочува со легитимните интереси на различните засегнати страни. Наместо изземање на себеси од правилата на законот и учтивоста, Црквата го избра патот на соработка и избегнување на опасностите од острото соочување.

Изразувајќи го таквиот начин на граѓанска ангажираност, претседателот Монсон изјави: „Како црква допираме не само до нашите луѓе, туку и до сите оние со добра волја ширум светот, во духот на братството што доаѓа од Господ Исус Христос.“ Зборувајќи за учтивоста на лично ниво, старешината Роберт Д. Хејлс од Кворумот на Дванаесетте апостоли ги подучуваше светиите од подоцнежните дни како да одговорат на критицизмот: „Некои луѓе погрешно мислат дека одговарањето со тишина, кроткост, опростување и понизно сведоштво се пасивни или слаби. Но, за да ги љубите непријателите свои, да ги благословувате оние што ве колнат, да им правите добро на оние што ве мразат и да се молите за оние што ве навредуваат и гонат (види Матеј 5:44), потребни се вера, сила и, најповеќе од сè, христијанска храброст.“

Моралната основа на учтивоста е Златно правило, подучувано од широк спектар на култури и поединци и, можеби најпопуларно, од Исус Христос: „Па, како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!“ (Лука 6:31) Оваа етика на реципроцитет нè потсетува на сите одговорности што ги имаме еден кон друг и ја зајакнува природата на заедничко живеење.

Слично, и Книгата на Мормон раскажува отрезнувачка приказна за цивилизациски пад во која што различни народи го повторуваат циклусот на просперитет, гордост и пад. Скоро во сите случаи, семето на распаѓањето започнува со повреда на основните правила за учтивост. Соработката, понизноста и емпатијата постепено им отстапуваат место на расправијата, кавгата и злобата.

Потребата од учтивост е можеби најрелевантна во сферата на политичките партии. Бидејќи Црквата дејствува во земјите ширум светот, таа го прифаќа богатството на плурализмот. Така, политичката разновидност на светиите од подоцнежните дни сочинува идеолошки спектар.  Членовите се слободни да ја изберат својата политичка филозофија и припадност. Покрај тоа, самата Црква не е поврзана со некоја посебна политичка идеологија или движење.  Таа ѝ пркоси на категоријата. Нејзините морални вредности може да бидат изразени во многубројни политички парии и идеологии.

Исто така, Црквата со загриженост гледа на политиката на страв и реторички екстремизам, што го чини граѓанскиот разговор невозможен. Како што Црквата станува позначајна, а нејзините членови достигнуваат повисок политички профил, природно следи разноликост на гласовите и мислењата.  Некои може дури и погрешно да ги сметаат овие гласови како веродостојни или дека ја претставуваат Црквата. Меѓутоа, членовите размислуваат и зборуваат во свое име.  Само Првото претседателство и Дванаесетте апостоли зборуваат во име на Црквата.

Етиката на светиите од подоцнежните дни бара да се однесуваат кон ближните со почит, без оглед на околностите. Религиозното однесување треба да биде конзистентно со секуларното однесување. Црквата се надева дека нашиот демократски систем ќе овозможи пољубезна и поразумна комуникација меѓу американските сограѓани од онаа што сега постои. На конференција за печат по повод неговата инаугурација претседателот Монсон ја нагласи важноста на соработката во граѓанските иницијативи: „Ја имаме одговорноста да бидеме активни во заедниците во кои што живееме, сите светии од подоцнежните дни, и да соработуваме со другите цркви и организации. Мојата поента тука е… да се елиминира слабоста на оној кој е сам и да се замени со силата на луѓето кои работат заеднички.“