29. October 2012

Да се знае и да се разбере

Од старешината Жозе А. Тишеира

Дали некогаш сте се соочиле со прашањето: „Како да го зајакнам своето сведоштво?“  Или, дали на предавањата во Црква сте го слушнале предупредувањето: „Треба да го негувате своето сведоштво за да остане силно“?

 

Стекнувањето на сведоштво и неговото чување како жив сведок за она што знаеме дека е вистинито, е од витална важност за нашиот духовен развој за време на патувањето низ смртноста.  Затоа, треба да разбереме што е сведоштво, како го стекнуваме и што треба да правиме за да го негуваме и зајакнеме.

 

Да започнеме со настојување да стекнеме подлабоко разбирање за она што е сведоштво.  Старешината Далин Х. Оакс рече: „Сведоштвото за Евангелието е лична потврда создадено во нашите души од Светиот Дух дека одредени факти со вечно значење се вистински и дека знаеме дека се вистински.“1

 

Темел на сведоштвото е знаењето дека Небесниот Отец живее и дека ги сака Своите деца, дека Исус Христос живее, дека е Божји Син и дека го изврши бескрајното помирување, дека Џозеф Смит е Божји пророк кој беше повикан да го обнови Евангелието, дека Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни е вистинската Црква на Спасителот на земјата и дека Црквата денес ја води жив пророк.  Врз овај темел, сведоштвото расте за да ги вклучи сите принципи на Евангелието.  

 

Водичот за Светите писма го дефинира знаењето како „разбирање и сфаќање, особено на вистината како што ја подучува или потврдува Духот.“2 Кога за нешто велиме дека знаеме дека е вистина во Евангелието, всушност велиме дека сме почувствувале дека тоа е вистинито.  Не можеме да знаеме дека нешто е вистинито без да го почувствуваме во своите срца како вистинито.

 

Водичот за Светите писма исто така ни кажува дека разбирање значи „да се стекне знаење за некоја вистина или да се согледа нејзиното значење, вклучувајќи ја и нејзината примена во животот“.3 За да ги разбереме или сфатиме овие нешта за кои сме почувствувале дека се вистинити, мора да ги живееме и да ги примениме во својот живот.  Само тогаш нашето знаење ќе биде полно и целосно.

 

На пример, можам да знам дека законот на десетокот е вистински принцип и божествен закон на нашиот Небесен Отец.  Тоа знаење може да дојде преку читање, размислување и молитви за принципот на десетокот или со слушање на нечие предавање за десетокот и примањето на потврдата за неговата вистинитост од Светиот Дух.  Но, ако никогаш не плаќам десеток откако го примам тоа сведоштво, колку можам да кажам дека навистина разбирам што е десеток?

 

Сведоштвото за закон или за принцип на Евангелието е изјава за знаењето кое ни го откри Светиот Дух и за разбирањето дека сме го стекнале тоа знаење со постојана примена на тој закон или принцип.

 

Еден од најдобрите начини како можеме да ги негуваме и зајакнеме нашите сведоштва е да одиме во храм.  За нас, членовите на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни, храмот е симбол на нашата вера и сведоштво.  Не постои подобар начин да се зголеми и нашето знаење и нашето разбирање на Евангелието, од одењето во храм.  Работите што мораме да ги направиме за да се квалификуваме да влеземе во куќата на Господ и сето она што го учиме кога сме таму, постојано ги хранат и ги јакнат нашите сведоштва.

 

Благословени сме со многу храмови во нашето подрачје.  Да направиме храмот да биде симбол на нашата посветеност со тоа што ќе го посетуваме што почесто можеме.  Додека го правиме тоа ќе продолжиме да стекнуваме знаење и разбирање кое ќе ги зајакне нашите сведоштва и ќе го исполни нашиот живот со радост и мир.

 

 

1  Далин Х. Оакс, „Testimony“, Ensign, мај 2008, 26.

2 Guide to the Scriptures, „Knowledge“, scriptures.lds.org.

3 Guide to the Scriptures, „Understanding“, scriptures.lds.org.