31. October 2012

Мормонската етика на заедницата

Карактеристика која што најчесто им се препишува на светиите од подоцнежните дни е таа дека тие се грижат едни за други. Иако е општо прифатено како комплимент, ова ја кажува само половината од приказната. Мормоните се интересираат и за она што се случува околу нив. Практиката на меѓусебна соработка меѓу мормоните е проширена и на пошироката заедница и на другите верски групи.

Заедницата која што се зајакнува себеси има поголем капацитет да им помогне и на другите заедници.

Еден пример на такво надворешно достигнување, може да се најде во Монтереј во Калифорнија, каде што во изминатите три години мормонските и другите христијански заедници се здружија за да се грижат за сиромашните и за луѓето коишто имаат потреба од помош. Тие ги хранат оние кои не можат сами да се прехранат и нудат утеха во тешките времиња. Оваа меѓуверска заедница планира и организира прилики за своите верници како би служеле заедно. Слични настани се случуваат во многу други места, без многу врева и фанфари.

Значи, што стои зад мормонската етика на заедницата? Во многу аспекти, животот на мормоните во заедницата се стреми кон моделот на раното христијанство. Тогашната заедница на светии го споредуваше својот заеднички потфат со „телото Христово“. Како што различни делови на телото работат заеднички компатибилно, така и секој поединец придонесува за целината. Истото важи и за светиите од подоцнежните дни.

Не треба да биде парадокс, како што Лос Анџелес Тајмс (Los Angeles Times) неодамна објави, дека мормонската вера е „вкоренета и во самостојноста, и во комунитарниот идеализам“.  Вредностите на споделена одговорност и посветеност им помогнаа на мормоните пионери да изградат населби низ пустините на американскиот запад. Индивидуалниот успех не е во служба на самиот себе, туку во изградбата на општото добро. Вистинската приказна за мормоните е таа за успехот на заедницата.

Опишувајќи ја ваквата практика на солидарност, писателот од „Нова Република“ (The New Republic) објасни дека современиот мормонизам „претставува најдолг експеримент во земјата за комунитарниот идеализам, промовирајќи ја  етиката за споделување на товарот, изгубена во современа Америка“. Друг од „Њујорк тајмс“ (The New York Times) нагласи дека „не постои население во Америка кое ја живее оваа визија за добро општество како светиите на подоцнежните дни“.

Основната девиза на мормонската заедница е дека не постои поделба меѓу вас и вашиот ближен. Вашата благосостојба е поврзана со благосостојбата на вашите ближни. Книгата на Мормон нагласува дека секој треба да го почитува својот ближен како и себеси. А под ближен не се подразбира само член на Црквата. Туку, ги вклучува сите со кои се среќаваме во општеството. Светиите од подоцнежните дни веруваат дека сите сме дел на истото божествено семејство. Нашите односи со луѓето околу нас имаат трајно значење. Мормонските Свети писма подучуваат дека односите што постојат меѓу нас тука [во смртниот свет] ќе постојат и таму [во вечноста], само што ќе бидат здружени во вечна слава. Небесата, во суштина, се составени од односи.

Кога се крштаваат во верата, светиите од подоцнежните дни се обврзуваат дека ќе го носат туѓиот товар и ќе тагуваат со оние кои тагуваат. Учествувањето во проблемите на другите луѓе не е пречка на вашата љубов кон нив; тоа ја прави љубовта кон нив возможна. „Њусвик“ (Newsweek) го кажа тоа исправно:  „Без оглед на тоа каде живеат, мормоните стануваат дел од мрежата на заедничка грижа; во мормонската теологија секој е свештеник на доброто, секој на некој начин е овластен да чини добро на другите и да прима добро: тоа е заветот за грижа за 21. век.“ Оваа двонасочна обврска овозможува заедницата да постои.

Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни преку бројни програми ги охрабрува своите членови прво да размислуваат за своите ближни. Мормоните со донации придонесуваат за програмата за социјална помош, која е управувана, администрирана и применувана како од богатите, така и од сиромашните членови. Секој вложува во системот. И, не морате да бидете дел од мормоните за да учествувате. Без оглед на тоа дали некој ќе се разболи, ќе го изгуби лицето што го издржува семејството, или не може да најде работа, оваа мрежа на сочувство вредно работи за да им помогне на луѓето повторно да застанат на свои нозе. Лоши нешта му се случуваат секому, порано или подоцна. Исто така, кога се случуваат катастрофи во светот, мормонските волонтери ја нудат својата помош. И врз трајна основа, мисионерската служба се здружува со локалните и со меѓународните хуманитарни организации за да помогнат во намалувањето на сиромаштијата, да ги спречат болестите и да им помогнат на лицата со инвалидитет.

Можеби поважна од формалните програми, е културата на спонтано служење. Тивки дела на несебичност се вообичаени меѓу светиите на подоцнежните дни: мајка и ќерка организираат хуманитарни пакети за жртвите од ураганот, млади момчиња им помагаат на своите татковци да го исчистат снегот од пристапната патека пред куќата на вдовицата, семејството се здружува за да го поправи дворот на болниот сосед. Едно по друго мало дело, е начинот на којшто верската заедница ги развива навиките на карактерот. Религијата ја чинат многу работи - доктрина, ритуал, заповеди и уште многу што. Но, во рутината на тековниот живот, Господ бара од нас да да бидеме во служба на својот ближен.

Изградувањето на заедницата не е едноставно

 Како и секој човечки потфат, може да биде несредено и обесхрабрувачко. Во прилог на почитувањето и како одлика на мормонската богослужба, една од првите работи што светиите од подоцнежните дни ја учат е дека религијата е вид на работа. Црквата не е место каде што се сместувате удобно. Мора да се надминете себеси. Бидејќи Црквата не е водена од професионално платено свештенство, членовите сами управуваат со неа, под водство на поставените водачи. Без разлика дали е возрасен, млад или дете, секој може пред заедницата да каже молитва, да одржи говор или да подучува. Мајките и татковците ги водат организациите за младите и проектите за служење. Во овие служби, светиите од подоцнежните дни ги засакуваат луѓето на кои што им служат. Тешко е да досегнете духовност додека истовремено ги избегнувате луѓето, со сите нивни единствени лични особености. Во голем дел, духовноста е начинот на којшто ги третираме луѓето.

Во земјите ширум светот, мормоните тежнеат да воспостават вредности во своите заедници и добра волја во поширокото општество. Тие сè повеќе се интегрираат во соседствата и во заедниците. Претседателот на Црквата Томас С. Монсон ја истакна „одговорноста да се биде активен во заедницата во која живееме“. Лесно може да најдете член на мормоните во школското здружение на родители и учители, во локалното стовариште за храна или во меѓуверска група. Светиите од подоцнежните дни се здружуваат со безброј други добри луѓе во светот во обидот да ги разрешат тешките проблеми со кои сите се соочуваме.  Џозеф Смит, основач на Црквата, го долови ова настојување велејќи дека човек исполнет со Господовата љубов, не е задоволен само со благословувањето на неговото семејство, туку се движи низ целиот свет посакувајќи да го благослови целото човештво.

1 од 4

Низ северозападните држави Вашингтон, Орегон и северен Ајдахо, повеќе од 14 000 волонтери учествуваа во широк опсег на служење за општо добро на 11 септември 2010 година. © 2010 Intellectual Reserve, Inc. Сите права се задржани.

 

2 од 4

Членови на Црквата конзервираат компири за Арвада, банка на храна во Колорадо. © 2007 Intellectual Reserve, Inc. Сите права се задржани.

3 од 4

Во текот на посетата на Солт Лејк Сити во 2007, првата дама на Перу, импресионирана од производството на Атмит - додаток на исхраната за неисхранетите - на црковниот плоштад Welfare Square  дозна дека Црквата за Перу ќе донира 50 тони од таа храна.© 2007 Intellectual Reserve, Inc. Сите права се задржани.

4 од 4

Мисионерски пар ѝ помага на жена во Епископското складиште.© 2012 Intellectual Reserve, Inc. Сите права се задржани.

http://www.mormonnewsroom.org/article/the-mormon-ethic-of-community