11. February 2013

Доловување на духовното во јавните верски дискусии

28 јануари 2013 - ОБЈАВЕНО од редакцијата за вести

Напорите за истражување, анализирање и разбирање на мормонската вера имаат различен успех. Религијата - вклучувајќи ги културите, луѓето, историите, практиките и верувањата кои што доаѓаат со неа - е комплексна и повеќеслојна. Новинарите кои што известуваат за верските организации, вклучувајќи ја и Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни, често покажуваат промисленост и добра информираност во своите расправии за религијата и за заедницата.

Некои новинари ја обработуваат темата со чувствителност, деталност и внимателно истражување. Други сакаат да го доведат контекстот во дискусии за учењето, историјата и обичаите. Многумина ги засноваат своите дискусии во личното искуство, стекнато при средбите и разговорите со верните, посветени светии на подоцнежните дни, присуствувањето на нивните богослужби и учествувањето во нивната заедница. Често, овие новинари и репортери драгоцено придонесуваат за согледување на работите однадвор.

Сепак, без оглед на внимателното и чувствително новинарство, значењето на мормонското искуство може да не го доловат оние кои што не ја споделуваат верата. Делумно ова е поради тоа што духовното убедување ‒ она што ги обликува, мотивира и води верниците, мормоните или другите ‒ е на одреден начин неискажливо. Поинаку кажано, едноставните зборови не успеваат тоа да го опишат.

Безбројни писатели, уметници и поединци од многу вери се обидувале да го опишат верувањето кое што го надминува вообичаеното искуство. Размислете за искуството на Тома Аквински од пред неколку века, кој посвети стотици илјади страници на систематизирањето на католичката вера. Според книгата на Г. К. Честерон (G.K. Chesteron), „Thomas Aquinas“, непосредно пред својата смрт Аквински имаше такво доживување „коешто толку го погоди што престана да пишува и да диктира“. Тој му рече на својот пријател и секретар: „Видов работи кои прават зборовите на моето перо да бледат.“ Аквински го искуси неискажливото и спозна дека зборовите се несоодветен медиум за тоа да се опише.

За истото, апостол Павле напиша писмо до Коринтјаните: „Но ние не го примивме духот од овој свет, туку Духот Кој доаѓа од Бога, за да го знаеме она што ни е дарувано од Бога… Телесниот човек… тоа… не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита“ (1 Коринтјаните 2:12, 14). Со други зборови, како што научникот Роџер Скрутон (Roger Scruton) објасни, има многу нешта кои што „не можат да бидат опишани, туку само откриени“.

Она што мормоните или многу други верници од различни вери го нарекуваат „дух“ или „духовно“, некој може да го отфрли како прикриена политичка или социјална агенда, психолошко нарушување, продукт на социјален притисок или на емоционална пренапрегнатост. Други, иако не ги отфрлаат работите од духовна природа, сепак не се во состојба да се поврзат со посебното духовно убедување кое што го оживува мормонскиот идентитет. Апостол Павле објаснува дека без таков заеднички јазик или искуство, тешко е потполно да се спознае или разбере „духот“ на личната вера.

Новинарот може да ги опише видливите елементи на богослужбата, научникот може да ги толкува забележаните детали од црковната историја, социологот може да ги анализира трендовите на растот и развојот. Овие мислења се вредни.

Сепак, тие не ги доловуваат нематеријалните нешта како што се длабокото верување во повторното обединување со најблиските починати кое што мормоните го чувствуваат, или верувањето на светиите од подоцнежните дни во обновеното учење за предсмртниот живот, во живите пророци и во неограничената вредност и потенцијал на секој поединец. Секуларните записи не ги доловуваат потресните борби, длабокиот мир или силното просветлување што мормоните го доживуваат на нивниот духовен пат.

Бригам Јанг (Brigham Young), еден од првите пророци на светиите од подоцнежните дни, еднаш зборуваше за овој јаз во комуникацијата:  „Разговорот со [некој кој го отфрла духовното] за ангелите, небесата, Господ, бесмртноста и вечниот живот е како удирање во плех, или ѕвонење на цимбал до неговите уши; нема музика за него.“ Професионалните набљудувачи може позитивно да придонесат за разбирањето на верата, но потполната симфонија на мормонското искуство - или на било кое верско искуство - се согледува само преку лично и длабоко запознавање, само преку духовно искуство.

http://www.mormonnewsroom.org/article/capturing-the-spiritual-in-public-religious-discussion