23. February 2013

Мормоните се собираат за светската конференција

Повторно дојде моментот членовите и пријателите на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни да ги послушаат гласовите на современите пророци и апостоли.  183. годишна генерална конференција на Црквата ќе се одржи во сабота и недела на 6 и 7 април 2013 година.

            Конференцијата ќе се одржи во Солт Лејк Сити во Јута, во САД.  Сите Европејци кои се заинтересирани да ја следат конференцијата преку интернет на lds.org или преку сателитски пренос во локалните собиралишта, се поттикнуваат тоа да го направат.

            Генералните конференции се одржуваат два пати годишно и даваат можност повеќе од 14 милиони членови да примат водство и да ги слушнат духовните пораки на црковните водачи.  Како и црквата од времето на Новиот завет, Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни ја водат пророци и апостоли.

            Иако конференцијата се одржува илјадници километри далеку од членовите на Црквата во Европа, многу членови велат дека конференцијата е важна и посебна.

            „Духот Господов е ист во сите делови на светот, дури и кога говорниците се далеку,” рече Масимо Драги, член на црковната заедница од Римини, во Италија.  „Генералната конференција е важна поради тоа што светот и општеството постојано се менуваат и потребно ни е да ја знаеме Господовата волја.”

            Дерил Вотсон, кој надгледува неколку заедници во близина на Данди, во Шкотска, вели дека европските верници се навикнаа да ја следат генералната конференција преку различни технологии.

            „(Членовите) повеќе не размислуваат за говорниците како да се ‘далеку’,” рече Вотсон.  „Во суштина, соопштените пораки им се наменети на сите следбеници на Христос овде и сега, без оглед на тоа каде живеат.”

            Крис Кук управува со една заедница во Лондон и изрази слично мислење.

            „Едноставен факт е дека сите луѓе, од целиот свет, се Божји деца,” рече Кук.  „Неговото Евангелие е применливо на едно лице колку и на друго.  Зар не сме сите исти?”

            Црковните водачи ќе им зборуваат на учесниците на конференцијата за различни духовни теми, од семејниот живот до моралот, верата и проучувањето на Светите писма.  Сите говори имаат основна порака да ги охрабрат членовите на Црквата да го следат Исус Христос и да Му се приближат.

            „На генералната конференција (пророците и апостолите) ни зборуваат за она што е посебно важно во овој момент,” рече Пол Бауман, член на заедницата во Ханау, во Германија.  „Тоа е значајно за сите.  Бог нè сака сите нас и сака да бидеме среќни, па ни дава можност да го чуеме гласот на живиот пророк.”

            Рикардо Сантана, член од Лисабон, подрачје Португалија, рече дека учеството на генералната конференција во сопствените земји е посебно искуство за сите верници.

            „Генералната конференција е посебен состанок заради тоа што сите членови на Црквата ширум светот можат да се соберат и истовремено да ги слушаат зборовите на живите пророци,” рече Сантана.  „Изгледа како сите да сме обединети на исто место, додека можеме да го почувствуваме истиот дух.”

            Освен духовните пораки, прославениот Мормонски хор на Соборната црква изведува музика која опфаќа теми од евангелието.  Членовите на Црквата велат дека музиката е често еден од најомилените делови на генералната конференција, и дека го дополнува духот на состанокот.

            „Химните кои хорот ги изведува навистина инспирираат и за мене се најубавиот дел од конференцијата,” рече Луис Мело, член од Алгарве, од подрачјето Португалија.  „Ми помагаат да го почувствувам духот и да се подготвам да ги примам пораките од генералните авторитети.”

            Конференцијата ќе се пренесува во повеќе од 7400 црковни згради во 102 земји, додека истовремено ќе се преведува на 94 јазици.

            После конференцијата, снимките и записите од говорите ќе бидат достапни за постојана употреба и подучување.  Многу Мормони ширум светот ги користат говорите од генералната конференција во текот на годината за лично напредување, како и за разни настани во семејството и во Црквата.

            „Навистина уживам во слушањето на говорите додека одам низ шума, благодарејќи на мојот mp3 плејер,” рече Драги.  „Можам да ги слушам (говорите) и да уживам во нив кога ќе посакам.  Тоа сега е конференција која трае шест месеци.”