11. February 2013

На кој начин верата е важна за општеството

Солт Лејк Сити – Верата е од суштинско значење за активно, демократско општество

Верата е суштинска за демократијата

„[Ние] немаме владата вооружена со моќ способна да им се спротивстави на човековите страсти необуздани од моралот и верата.“ – Џон Адамс

Верските упатства и верувања и денес остануваат извор на животната сила на моралниот етос на општеството.  Не само што верата поучува за доблеста, таа и го катализира моралното дејствување.  Како таква, верата игра суштинска општествена улога која бара посебно внимание.  Оваа улога добро ја опиша еден кинески економист кој ја проучуваше демократијата во Америка.  „Во вашето минато“, објаснува економистот, „повеќето Американци одеа во црква или синагога секоја седмица.  Кога бевте таму, од своите најмлади дни учевте дека треба доброволно да им се покорувате на законите; дека треба да ја почитувате туѓата сопственост и да не крадете.  Ве учеле никогаш да не лажете и да го почитувате животот и слободата на другите како сопствените.  Американците ги следеа овие правила бидејќи веруваа дека ако не ги фати полицијата кога ќе го прекршат законот, Бог ќе ги фати.  Демократијата дејствува затоа што многу луѓе повеќето време доброволно ги почитуваат законите.[i]

Таквите квалитативни забележувања се поткрепени со квантитативни истражувања.  Многу научници собраа емпириски докази барајќи силна корелација помеѓу современото верско почитување во Америка и доблесното однесување.  На пример, граѓаните верници главно се поотворени и повеќе покажуваат граѓански став кон своите соседи.Според проценките, повеќе од 90 отсто од оние кои што присуствуваат на неделните богослужби донираат за добротворни цели, а речиси 70 отсто волонтираат.[iii]

Некои им даваат пофалби на тие добри дела, но се обидуваат да ги стават на страна убедувањата и праксите кои на тоа ги поттикнуваат.  Таквите настојувања се погрешни.  Одредени верски убедувања и пракси се темел од кој што моралното дејствување произлегува.  Бројни примери покажуваат дека верата ги мотивира заедниците на големи хуманитарни дела и на несебична служба.  Овие позитивни придонеси ја нагласуваат потребата за зачувување на основното човеково право на верска слобода.

Навистина, зачувувањето на верската слобода исто така има свои предности.  Заедно со останатите слободи, верската слобода го поттикнува економскиот напредок во општеството и ги намалува насилните конфликти.[iv] Како резултат на тоа, поверојатно е дека општествата ќе се развиваат кога граѓаните имаат слобода да ги изразат своите најдлабоки убедувања и највисоки идеали.  Накратко, религијата и верската слобода придонесуваат за помирно, постабилно и подобротворно општество.

Уставна заштита на верата

За да има трајно влијание, заштитата на верската слобода мора да излези од рамките на самото богопочитување.  Верската слобода мора да вклучува заштита на моралното или верски мотивираното јавно изразување.  Верниците и верските институции продолжуваат да играат важна улога во обликувањето на општествените и моралните прашања преку соодветни демократски патишта.  Како и другите ценети организации и цели, верниците и институциите заслужуваат да бидат сослушани во јавната сфера ‒ ниту верските ниту секуларните гласови не смеат да се стишат.

Секако, прифаќањето на верската слобода не ги поткопува другите општествени интереси.  Клаузулата на слободата на изразувањето во уставот на САД недвосмислено ја штити верата во Америка, но верскиот екстремизам кој им се заканува на другите не е заштитен.  Владата може да постави и поставува, на пример, разумни ограничувања за да се осигури безбедноста на плуралистичкото општество.  Сепак, правниот и законодавниот процес обезбедува средства за трајна заштита, обликување и дефинирање на верската слобода за да не биде занемарена.  Додека разумната заштита е поздравена, треба да се почитува здравата поделба помеѓу власта и верата, што овозможува верата да расте.

Всушност, соодветното одвојување на црквата од државата има влијание врз јакнењето на верските институции и пошироката заедница.  Со цел да го извршат ова позитивно влијание, религиозните организации и поединците мора да се одвојат од власта ‒ физички, општествено и правно ‒ за слободно да ја практикуваат својата вера.  Тоа им овозможува на верските институции да ја изразат својата порака, да одредат кои се тие и да живеат по своите верувања на смислен начин.  Верскиот простор мора и понатаму да се почитува, а верата не смее да се забранува.

Загрозувањето на првата слобода

За жал, врз верскиот простор сè повеќе се врши притисок со ставот дека верата е исклучиво приватна работа.  Таквиот тренд е вознемирувачки, посебно за верниците.

И покрај ова загрозување, улогата на верата во општеството останува незаменлива.  Коментаторот на демократијата од 19. век, Алексис Де Токвил, рече: „Кога било која вера пушти длабоки корени во демократијата… сочувајте ја внимателно како највредно наследство.“[v] Верата денес останува највредно наследство.  Правилното зачувување на ова наследство бара обновување на почитувањето на верската слобода и на демократски начела кои ја поддржуваат.  Ова почитување ќе дојде побрзо кога поединците и властите ќе ја разберат и ќе ја препознаат клучната улога на верата во општеството.


[i] Клејтон М. Кристенсен, „The Importance of Asking the Right Questions“ (воведен говор, Универзитет Southern New Hampshire, Manchester, N.H., 16 мај 2009 год.).

[ii] Види Роберт Д. Путнам и Дејвид Е. Кампбел, American Grace:  How Religion Divides and Unites Us (New York City:  Simon Schuster, 2010), 461.

[iii] Артур К. Брукс, „Religious Faith and Charitable Giving“, Policy Review (октомври 2003 год.).  Слични статистики можат да се најдат во „Faith Matters Survey 2006“, како е наведено во American Grace:  How Religion Divides and Unites Us.

[iv] Види Брајан Џ. Грим и Роџер Финке, The Price of Freedom Denied (New York City:  University of <st1:placename w:st="on">Cambridge</st1:placename>, 2011) и Брајан Џ. Грим, „Religious Freedom:  Good for What Ails Us“, The Review of Faith & International Affairs 6, бр. 2, 3-7.

[v] Алексис Де Токвил, Democracy in America, превод и уредување Харви К. Мансфилд и Делба Винтроп (Chicago:  University of Chicago Press, 2000), 519.

 

www.mormonnewsroom.org/article/religions-vital-place-society