11. February 2013

Што верската слобода бара од нас

Солт Лејк Сити ‒ Верската слобода е исто така должност кон другите како што е право за себе

„Конфликтот и дебатата се суштински за демократијата.  Сепак, ако контроверзиите околу верата и политиката треба да ја одразат највисоката мудрост на Првиот амандман и да ги унапредат најдобрите интереси на учесниците во дебатата и на народот, тогаш како ја водиме дебатата, а не само за што дебатираме, е од клучно значење.“   Повелбата од Вилиамсбург[1]

Обврските на верската слобода 

Постои парадокс во верската слобода ‒ вистинска добивка која произлегува од очигледна загуба.  Дилемата изгледа вака:  Ако сакате вашите верски убедувања да се заштитени, морате да ги штитите верските убедувања кои темелно се разликуваат од вашите.  Тоа не бара поддржување на тие убедувања, туку одредено почитување кон нив.[2] Спротивставените тврдења за вистината и верата тешко живат заедно.  Сепак, „верска слобода за мене, но не и за тебе“ не може да функционира, особено во разнолик свет како што е нашиот.  Векови на секташки судири покажаа дека таквиот став ја ограничува слободата на двете страни.  Начинот на кој се обезбедува сопствената слобода, е да се обезбеди слобода за сите.

Верската слобода е подеднакво и должност и право, подеднакво и обврска да се даде и привилегија да се добие.  Таквите одговорности и придобивки не се само наследство на уставот.  Тие го обликуваат начинот на нашиот секојдневен живот.  Плодовите на верската слобода зависат од постојаното, цврсто настојување на заедниците да негуваат учтивост, почит и взаемност ‒ двонасочна улица на граѓанската доблест.  Одржувањето на верската слобода е дел од праведното и слободно општество.

Оваа заедничка обврска се темели врз вроденото достоинство на секој човек и моралната совест која го води човековото дејствување.  Почитувањето на оваа обврска е голем испит на мирољубивото општество.  Доживувајќи прогонство и нетрпеливост во минатото, членовите на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни можат да пронајдат сличност со малцинските верски групи кои страдаат на слични начини.  Духот на солидарноста го инспирира Џозеф Смит, пророкот основач на Црквата, кога тој рече:  „Љубовта кон слободата ја инспирира мојата душа ‒ граѓанската и верската слобода за целата човечка раса.“

Учтивоста и нејзините последици

Голем дел од оваа заедничка одговорност едноставно е начинот на кој ние како граѓани се однесуваме кон другите.  Нашето однесување во јавноста открива кои сме ние како луѓе и каков вид на општество настојуваме да изградиме.  Таа интеракција постојано ги дефинира нашите вредности.  Постојана грижа е потребна за култивирање на манирите и слободите на цивилизацијата.

Зборовите кои ги кажуваме, и како ги кажуваме, ја чинат целата разлика.  Потребата за учтивост не бара граѓаните да ги скријат своите убедувања или да ги омекнат во убаво воопштување.  Смислената дискусија може да биде и хумана и енергична.  Учтивоста е повик да се обезбеди секој глас да се чуе и почитува, дури и ако не се постигне договор.  Верските организации и поединци одговорни се да ги искажат своите ставови рационално и со почит за да придонесат за продуктивна дискусија.  Интензитетот на плуралистичката демократија треба да биде воден од зрел разговор, во кој различните страни изразуваат мислења без отфрлање на верувањата.

Дискусијата на спротивставени идеи ‒ знакот на здрава демократија ‒ ги учи граѓаните да ги признаваат и почитуваат меѓусебните најдлабоки разлики.  Како добри сограѓани секогаш треба да зборуваме учтиво и да покажуваме трпение кон оние кои не се согласни со нас.  Создаваме толеранција и почитување кога и самите ги даваме.  Никој не смее да биде понижен затоа што се придржува кон својата морална совест.

Атмосфера на добра волја

Старешината Далин Х. Оакс од Кворумот на Дванаесетте апостоли рече:  „Како верници, треба да ги обликуваме нашите аргументи и ставови на начин кој ќе придонесе за разумна дискусија и компромис, што е од суштинско значење за демократското владеење во едно плуралистичко општество. На тој начин ќе придонесеме за учтивоста која е од суштинско значење за зачувување на нашата цивилизација.“

Настојувајќи да комуницираат и да ги промовираат своите вредности на начини кои им се блиски на луѓето во нивните заедници, светиите од подоцнежните дни се вбројуваат во бројните гласови загрижени за доброто на општеството.  Претседателот на Црквата Томас С. Монсон го изрази тоа настојување:  „Како црква допираме не само до нашите луѓе, туку и до сите оние со добра волја ширум светот, во духот на братството што доаѓа од Господ Исус Христос.“

Сè додека луѓето продолжуваат да се организираат во општества, да дејствуваат врз основа на индивидуалната совест и да полагаат право на апсолутна вистина, ќе постојат длабоки, понекогаш тврдокорни разлики.  Парадоксот на верската слобода ќе продолжи да бара исполнување на меѓусебната обврска за учтивост.  Почитувањето на таа слобода е двонасочна улица.


[1] Повелба од Вилиамсбург, Преглед на начелата, 1988.  Старешината Далин Х. Оакс го потпиша овој документ во името на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни.

[2] Види В. Кол Дархам, „The Doctrine of Religious Freedom“, говор одржан на Универзитетот Бригам Јанг (3 април 2001).

 http://www.mormonnewsroom.org/article/what-religious-freedom-requires