11. February 2013

Зошто ни е потребна верската слобода?

Солт Лејк Сити ‒ Верската слобода или слободата на совеста важна е за здравјето на разноликото општество.

Во изминатите две години, генералните службеници на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни испратија голем број на пораки за многу аспекти на верската слобода ‒ што таа значи, што прави, со кои закани се соочува и зошто е толку значајна за слободните луѓе насекаде.  Старешината Далин Х. Оакс од црковниот Кворум на Дванаесетте апостоли рече: „Се води битка околу значењето на [верската] слобода.  Тоа е натпревар од вечна важност.“  А старешината Квентин Л. Кук, исто така и апостол, ги повика универзитетските дипломанти да „работат со луѓето од другите вери“ за да бидат „застапници на верската слобода и моралност“ и да ги штитат.

Заедно со поддршката на верската слобода од страна на светиите од подоцнежните дни, стојат и значајните напори на другите верски водачи и граѓани.  Зошто ова внимание кон верската слобода?  Зошто ни е, како на граѓани на Соединетите Американски Држави, потребна?

Таа потреба произлегува од големата разновидност на нашиот народ и општество.  Од самиот почеток, Соединетите Американски Држави беа дом на широк спектар на верски убедувања.  Без ограничувањата на црквата спонзорирана од државата (така кршејќи ја 1500-годишната европска традиција) и со постојан и разновиден прилив на имигранти, верскиот плурализам е значајна карактеристика на Америка.   Американците во новата и растечка нација пронајдоа голем број на верски избори кои за нив беа непознати во минатото ‒ можеа да изберат своја верска група, да изберат црковна заедница (или да основат своја) и да пронајдат свештеник.  Исто така, можеа да изберат воопшто да не се придржуваат кон ниту една вера.  Овој голем спектар на верски избори покажа заживување на слободата на совеста и развој на верската слобода.   Американците не само што толерираа други верски убедувања, туку на крајот прифатија полноправната верска слобода, сфаќајќи дека „единствениот начин тоа да го добијат за себе е да им го дадат и на сите други“. [1]

Сепак, патот кон верската слобода во Соединетите Американски Држави не беше послан со рози.  Баптистите, Евреите, католиците и луѓето од другите вери ‒ кои во одреден период биле нови, непопуларни и во малцинство ‒ го почувствуваа осилото на верски прогон и на општествените предрасуди.  Но, можноста за постоење на општество во кое разновидните вери и убедувања можат да имаат соживот, вкоренета е во високите начела на слободата на совеста и силната заштита на верата во Првиот амандман.  Тие принципи се архитектонска рамка која им обезбедува физички, општествен и правен простор на поединците и групите да ги живеат своите разнолики верувања на смислени начини, и приватно и јавно.  Соопштенијата издадени од научници и државници ги нагласуваат следните начела:  „Клаузулите за верската слобода ја вклучуваат и заштитата на слободата на поединецот и одредбата за уредувањето на односот на верата и на јавниот живот.  Тие ни овозможуваат да живееме со нашите најдлабоки разлики.“  [2]

Но, верската слобода и слободата на совеста бараат повеќе од едноставно живеење и соживот со нашите разлики.  Тие истакнати слободи исто така создаваат обновливи обврски.  Сите приматели на верската слобода ‒ секоја група и поединец кој што е слободен да живее според она што му налага неговата совест ‒ мора да ги заштити тие исти слободи за сите други, особено за оние најзагрозените, без оглед на тоа дали се религиозни или не.  Тоа е обврска.  И тоа е обновливо бидејќи „овозможува[ат] разновидноста да биде извор на национална сила“. [3]

Тие начела одлично се изнесени во Повелбата од Вилиамсбург.  Осмислена како национална „реафирмација на Првиот амандман“, нејзините потписници вклучуваат лидери на владата (вклучувајќи и два бивши претседатели на САД), бизнисот, образованието, верските групи како и многу други заинтересирани лица.  Старешината Далин Х. Оакс го потпиша документот во името на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни.  Повелбата ја нагласува суштинската природа и моралната важност на обврските поврзани со верската слобода, вклучувајќи ја и острата забелешка дека „општеството е онолку праведно и слободно колку што ја почитува [верската слобода и слободата на совеста] на своите најмали малцинства и најмалку популарни заедници“.

Неодамнешните истражувања ги наведуваат општествените придобивки на верската слобода. [4] На пример, резултатите го покажуваат следното:

  • Верската слобода ја поттикнува стабилноста на плуралистичкото општество, но кога е ограничена, таа се совпаѓа со зголемено насилство и конфликт.
  • Таму каде што верската слобода е висока, зголемен е економскиот напредок, подобрена е здравствената заштита, помала е нееднаквоста на приходите и подолготрајна е демократијата.
  • Верската слобода е во директна корелација со заштитата на другите граѓански и човекови права; ако некоја институција може да ја контролира верата и убедувањата, тогаш таа институција, според зборовите на Џејмс Мадисон, може „да ги избрише сите наши темелни права“, како на пример слободата на говорот, печатот и јавното собирање.

Тоа се некои од последиците на верската слобода кои што придонесуваат кон праведно и слободно општество, во кое се преговара околу тензиите и луѓето мирно живеат со своите најдлабоки разлики.  Тоа е суштината на демократијата.


[1] Види Роберт Бут Фоулер, Ален Д. Херцке, Лаура Р. Олсен, Кевин Р. Ден Дулк, Religion and Politics in America, Faith, Culture and Strategic Choices, стр. 6.

[2] Повелба од Вилиамсбург, Преглед на начелата, 1988.

[3] Ibid.

[4] Види, на пример, Брајан Џ. Грим и Роџер Финке, The Price of Freedom Denied, и истражувањата на Центарот за проучување на верската слобода на Институтот Хадсон, __________________

 http://www.mormonnewsroom.org/article/why-religious-freedom