11. February 2013

Зошто верската слобода е важна за мормоните

Солт Лејк Сити – Верската слобода воедно е и лекција од историјата на мормоните и начело на нивната вера.

Историја на мормоните и на верската слобода

Како една од најважните човекови слободи, верската слобода има вредност за сите луѓе.  Сепак, таа има посебно значење за оние групи кои во некое време биле непопуларни или загрозени поради своите верски убедувања.  Тоа е вистина дури и во релативно слободните и толерантни Соединети Американски Држави, каде што верската толеранција и слобода секогаш биле идеал, но не секогаш се практикувале.  Од раните американски баптисти и квекери до католиците, муслиманите и Евреите, малцинските верски групи во Америка го почувствуваа осилото на прогонот заради својата вера и настојувања да живеат по неа.

Како малцинска вера во Америка, мормоните исто така во одреден период искусија нетрпеливост, вклучувајќи ги и некои од најголемите верски прогони во американската историја.  Кога Џозеф Смит ја основа Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни во раниот 19. век, нејзините членови често се соочуваа со сомнеж и непријателство.  Додека Црквата растеше и привлекуваше нови преобратеници, настана конфликт со другите групи, најмногу како последица на мормонските единствени верски пракси и убедувањата.

Конфликтот во тоа време често прераснуваше во застрашување, а понекогаш и во насилство.  Толпите и вооружените луѓе повеќе пати ги протеруваа мормоните од нивните населби, ги палеа нивните домови и ги уништуваа нивните жетви.  Еден особено смртоносен конфликт се случи во 1838 година, откако гувернерот на државата Мисури нареди сите мормони да бидат протерани од државата или „истребени“. Насилната толпа луѓе ја нападна селската заедница и ги протера мормонските жители, масакрирајќи 17 мормонски мажи и момчиња.  Поттикнати од тие и други настани, светиите од подоцнежните дни се обратија кон државните и народните власти барајќи помош и заштита.  Полни со сочувство, пријателите на Црквата се обидоа да помогнат, но мормоните не добија никаков надомест.

Тие денови на насилство и на мормонски погранични населби сега се далеку зад нас – Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни од тогаш стана глобална и широко почитувана вера.  Но, лекции од историјата сè уште се присутни.  Во светлината на овие и други искуства од својата историја, мормоните помнат дека верската слобода не е нешто што треба да се земе здраво за готово.

Поучувања за верската слобода

Во меѓувреме, раните водачи на Црквата, како Џозеф Смит, поучуваа за важноста на верската слобода која што ја бараа.  Црковните водачи поучуваа дека верската слобода не е само за мормоните, туку за сите.  Џозеф Смит особено силно ги заговараше тие начела.  На пример, во раната мормонска населба Наву, Илиноис, Смит рече:

„Храбро изјавувам пред небото“, рече тој, „дека сум подготвен да умрам во одбраната на правата на презвитеријанците, на баптистите или на добриот човек од било која друга верска припадност; затоа што истиот принцип кој би ги газел правата на светиите од подоцнежните дни, би ги газел и правата на римокатолиците или на припадниците на било која друга вера кои би можеле да се непопуларни или преслаби да се одбранат.“

Подоцна, Смит во Наву ја воведе градската уредба која ги штитеше слободите на луѓето од сите вери, вклучувајќи ги и нехристијаните.  Тие групи имаа „неограничена толеранција и еднакви привилегии во овој град“.[1] Џозеф Смит препозна дека обезбедувањето на верска слобода значи таа да биде загарантирана за сите луѓе.  Важноста на слободата на совеста и верата е наведена и во 1842 година како една од црковните тринаесет Поставки на верата:  „Полагаме право на привилегијата да Му се поклонуваме на Семоќниот Бог, според гласот на нашата сопствена совест, и да им ја допуштиме на сите луѓе истата привилегија, да им допуштиме да се поклонуваат на свој начин, во свое место и како што можат.“

Црковните водачи после Џозеф Смит продолжија да поучуваат за верската слобода.  Џејмс Е. Талмаџ, долгогодишен апостол на Црквата, во 1899 година напиша дека „светиите од подоцнежните дни ја прогласуваат својата безусловна верност кон начелата на верската слобода и толеранција.  Тие потврдуваат дека слободата на поклонување на Семоќниот Бог според гласот на сопствената совест е една од наследените и неотуѓиви права на човештвото.“  Џ. Рубен Кларк, член на Првото претседателство на Црквата, во 1935 година поучуваше дека гарантирањето на верската слобода е битна во јавниот живот, бидејќи „под и зад сето она што постои во нашиот живот и што правиме во животот, стои нашата вера, нашето богопочитување, нашето убедување и вера во Бога“.[2]

Апостолот Брус Р. МаКонки во 1985 година напиша дека верската слобода „на еден начин е најосновното од сите учења“ на Евангелието.  Тоа е вистинито за светиите од подоцнежните дни бидејќи, како што тој објаснува, начелото на определувањето – вродената слобода да можеме да избереме и да практикуваме според своите верски и морални убедувања – ги нагласува сите други важни мормонски поучувања и учења.  Човековото достоинство и определување се темелат врз слободата на совеста.[3]

Денешните црковни водачи, исто така, продолжуваат да ги повторуваат и нагласуваат тие начела, објаснувајќи што всушност е верската слобода и зошто е важна.  Старешината Далин Х. Оакс често говореше за потребата да се зачува верската слободата во ерата на сè поголемо непочитување на верата.  Во главното обраќање во Универзитет Чапман во февруари 2011 година, го застапуваше начелото на верската слобода и ги нагласи загрижувачките трендови кои денес ја загрозуваат.  Старешината Квентин Л. Кук исто така ги поттикна светиите од подоцнежните дни „да бидат застапници на верската слобода и морал“. Овие современи црковни водачи ги повторуваат учењата за верската слобода која од почетокот беше дел од мормонската вера.

Застапници на верската слобода

Мормоните ја негуваат верската слобода водени од својата историја и вера.  Но, иако имаат особени причини за негувањето на верската слобода, тие не полагаат посебни права на неа; исто како Џозеф Смит, мормоните сакаат тие слободи да се зачуваат и да бидат загарантирани за сите.  Во времето кога предизвиците за верската слобода растат, сите луѓе од вера и совест имаат одговорност да ја разберат и да ја унапредат оваа темелна човекова слобода за себе и за другите.  Мормоните сметаат дека имаат особена причина да ја исполнат таа обврска.


[1]History of The Church of Jesus Christ of Latter-day Saints, 5:498–99; 4:306.

[2]Џејмс Е. Талмаџ, The Articles of Faith (1899), 406; Џ. Рубен Кларк, во Conference Report,  април 1935, 94.

[3]Брус Р. МакКонки, A New Witness for the Articles of Faith (1985), 655; види и В. Кол Дурхам, „The Doctrine of Religious Freedom“, говор одржан во Универзитетот Бригам Јанг (3 април 2001).

 http://www.mormonnewsroom.org/article/religious-freedom-matters-mormons