23. January 2013

Прекрасен план старешина Жозе А. Теишеира

Неодамна примив електронска порака од мојата снаа Лиза во која опишува колкава радост чувствува со нејзината новородена ќерка. Нејзините зборови беа полни со благодарност за прекрасниот план на Отецот на небесата кој нè сака.

 

Почнав да размислувам како нејзиното искуство со породувањето ѝ помогна подобро да ја разбере важноста на заветот на крштавањето и да го продлабочи нејзиното сведоштво за Исус Христос како наш Спасител и Избавител.

 

Јован 3:5 вели: „Ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо.“ Христос нè учеше многу повеќе од фактот дека крштавањето е суштинско за спасението. На што сакаше да нè научи споредувајќи го крштавањето со раѓањето? Со раѓањето, мојата снаа доби некои увиди за тоа што членовите на Црквата Му значат и што Тој нам ни значи. Еве ги осумте лекции што таа ги научи од нејзината новородена ќерка Џејн.

 

1. Ние сме потполно чисти и невини по крштавањето. Како Господ може појасно да ни објасни дека нашите гревови се навистина испрани и ние сме потполно чисти, отколку да нè спореди со новороденче?

 

2. Не е мала, вообичаена работа да бидеш крстен. Цената за нашата чистота е Господовото помирување. Тој го опиша Своето искуство во Учење и завети 19:18 каде што се вели дека тоа страдање предизвика кај Него, како Господ, Најголем од сите, да трепери од болка, и да крвави од секоја пора, и да Му страдаат телото и духот – и сакаше да не мора да ја испие таа горка чаша… Ова се исти чувства што се искусуваат во текот на трудовите и на породувањето. Како што физичкото породување бара голема жртва и болка, така и спиритуалното раѓање бара крајна жртва и болка на помирувањето. Но, зошто мајките сакаат да раѓаат деца? Бидејќи ги сакаат своите деца – бидејќи тие се толку вредни за тоа. Господ нè сака, ние сме толку вредни за тоа.

 

3. Пред раѓањето постои долг период на негување, зајакнување и изградување на меѓусебниот однос, и има многу исчекување. Иако мајката ја создава оваа врска со своето дете девет месеци, кога првпат ќе го види и држи своето новороденче таа чувствува длабока почит и радост што е невозможно да се опишат. На ист начин Господ ги негува и ги зајакнува Своите деца додека се подготвуваат за крштавање. Тој му се радува на тој ден. Врската што се создава кога Неговото дете ќе влезе во водата за крштавање е толку силна, што Тој е преплавен со радост, исто како и новата мајка. Колку моќна слика за да се опише Неговата среќа.

 

4. Џејн го презеде нашето име и е член на нашето семејство. Со крштавањето ние го преземаме Христовото име врз нас и стануваме дел од Неговото семејство. Со ова доаѓа голема одговорност, но исто така нè прави наследници на сè што Тој има.

 

5. Мајката е воодушевена од сè што прави новороденчето. Џејн не мора да биде совршена за да нејзината мајка се гордее со неа. Новите членови може да се чувствуваат како да не можат да се мерат со искусните членови на Црквата, но Господ е горд на секој нивен развој.

 

6. Лиза рече дека секогаш знае каде е Џејн и што прави, дури и кога бебето не може да ја види неа или не знае дека ја надгледува. Лиза никогаш, никогаш нема да ја остави сама. Господ е дури и повеќе претпазлив со нас: Како што вели во Учење и завети 84:88, Тој ќе чекори пред нас. Ќе биде од нашата лева, и од нашата десна страна, а Неговиот дух ќе биде во нашите срца и Неговите ангели околу нас за да нè понесат.

 

7. Џејн е потполно зависна од нејзината мајка, а мајка ѝ дава сè што ѝ е потребно. Кога бебето би ѝ рекло на мајка си, „Не ми требаш“, не би преживеало. Да Му се каже на Господ дека не ни треба, е пат кон духовна смрт. Нам ни е потребна Неговата нега секој ден. Тој нам ни се дава како што мајката му се дава себеси на своето дете.

 

8. Лиза вели: „Не сакам Џејн да остане ваква за секогаш. Сакам да порасне, да се развива и да го искуси потполно животот. Бидејќи ја љубам, сакам да ја искуси целата радост што и јас ја имам. Родителите полни со љубов, ова го посакуваат за своите деца.“ Ние имаме небесен Отец кој нè љуби и, ако и ни се чини дека сега е невозможно некогаш да бидеме како Него, Тој ја гледа нашата иднина. Тој го знае нашиот потенцијал. И токму тоа Тој нè учи – да бидеме како Него. Тоа родителите полни со љубов го прават за своите деца, а ние сме негови деца.

 

Да се потрудиме да сфатиме дека можеме да се вратиме да живееме со нашиот Небесен Отец потпирајќи се само на благодатта и милоста на Неговиот син. [1] Да се радуваме што сме членови на Црквата и секогаш да бидеме благодарни за прекрасниот план кој нашиот Отец го обезбеди за нас.