10. June 2013

Френсис Џ. Монсон, сопругата на претседателот Томас С. Монсон, почина

Френсис Џ. Монсон, сопруга на Томас С. Монсон, претседател на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни, почина утрово во 6.35 часот во болницата во Солт Лејк Сити, опкружена со своето семејство. Беше хоспитализирана неколку седмици и почина мирно, од старост. Сестра Монсон имаше 85 години. Во тек се подготовките за погребот (види ажурирани вести). 

Ценета од својот сопруг како семеен светилник на љубов, сочувство и охрабрување, сестра Монсон живееше живот во чие средиште беше Христос, и со зборови и со дела. Засекогаш ќе биде запаметена по својата добрина и тивката, постојана поддршка за нејзиниот сопруг во неговите црковни должности.

Родена на 27 октомври 1927 година, Френсис Беверли Џонсон беше најмладата и единствената ќерка меѓу петте деца на Франц Е. Џонсон и Хилдур Бут Џонсон. Нејзините родители беа воодушевени што добија ќерка во семејството и веднаш ѝ дадоа име Френсис, по нејзиниот татко Франц.

Порасна во Солт Лејк Сити, Јута, како дете на Големата депресија, и ја научи вредноста на напорната работа и штедењето, што добро ѝ служеше во текот на животот. Дипломира на високата школа East High School и на Универзитетот во Јута, каде што се истакнуваше во подрачјето на математиката и науката. Запрашана зошто ги одбра овие два тешки предмети, одговори со искри во очите: „Затоа што сите убави момчиња нив ги слушаат.“ Френсис исто така беше и пијанист, а често како тинејџерка можеше да се види како игра тенис во паркот Либерти. Подоцна, се вработи во сметководственото одделение на една голема стоковна куќа, за да помогне во финансирањето на своето школување.

За време на своите студентски денови, запозна убав, строен млад човек, исто така со шведско потекло, Томас Спенсер Монсон, во тоа време познат како Томи. „Првиот пат кога ја запознав Франсес, знаев дека таа е онаа вистинската“, подоцна ќе каже за деновите на нивната средба.  Се  сретнаа во 1944 година, а се венчаа на 7 октомври 1948 во храмот Солт Лејк.

Беа благословени со три деца: Томас Ли, Ен Франсис и Кларк Спенсер. Децата брзо научија дека имаат сосема посебна мајка. Таа им помогна на своите синови да дознаат повеќе за гулабите Бирмингем Ролер, да ги купат и одгледуваат, а подоцна му помогна на едниот од нив да отпатува во Англија за да се сретне со експерт за Бирмингем Ролер. Исто така, му дозволи на својот син како домашно милениче да чува змија во кадата. Повеќето мајки би се згрозиле на зборот змија, а камоли да ја имаат во кадата. Кон стадото и јатото на семејните домашни миленичиња подоцна се приклучија кокошки, повеќе гулаби, куче, гуски и други животни.

Ќерката Ен Диб рече дека нејзината мајка секогаш беше добра во книговодство, буџетирање и „водење сметка за тоа каде можат да се најдат најповолни цени“. Мајката на Ен го почитуваше црковниот совет за мудар живот исполнет со штедливост и самостојност, обогатувајќи ги своите пари за животни продукти со истражување каде има попусти и купување на такви места, а потоа складирање на тие предмети дома. До неодамна ги читаше весниците на Солт Лејк, барајќи купони и попусти.

Беше позната како лице кое го собира семејството и ги решава сите проблеми. Секое божиќно утро Френсис можеше да се види како склопува велосипеди, играчки, куклени куќи, а во друга прилика како поправа електрични приклучоци или водоводни споеви кои протекуваат. Ен изјави дека тоа е нешто за што нејзиниот татко секогаш признаваше дека е талент на нејзината мајка, а не негов.

Таа служеше во Друштвото за помош и во Основното училиште, поминувајќи многу часови во подготовка на лекциите. Исто така, служеше заедно со својот сопруг кога тој беше повикан да претседава со црковната мисија во Канада, со седиште во Торонто, Онтарио, од 1959 до 1962 година. И двајцата сметаат дека мисијата беше прекрасно искуство кое им даде многу можности за учење и за духовен и интелектуален раст.

Френсис беше благословена со префинета смисла за хумор, за што претседателот Монсон зборуваше во својот говор на генералната конференција: „Пред неколку години мојата мила сопруга отиде во болница. Остави писмо за своите деца: ‘Драги деца, не дозволувајте татко ви да ја допре микробрановата печка’ — по што следеше запирка, ‘или шпоретот, или машината за миење садови, или машината за сушење.’ Непријатно ми е да додавам уште на пописот.“ Нејзиниот рецепт за живот вклучуваше многу охрабрување, добрина и напорна работа, со доза на хумор вметнат во добра мерка.

Што е најважно, Френсис ќе биде најдобро запаметена по љубовта и поддршката што им ја даваше на својот сопруг и семејство, и по служењето за другите. Ен рече: „Таа искрено го сакаше мојот татко и ги ценеше неговите таленти и дарови кои му беа дадени и беше среќна да може да го подржува и да му помага да ги зголеми своите таленти.“ Во целост го подржуваше својот сопруг во сите негови црковни должности. Исто така, уживаше да биде мајка, постојано подучувајќи ги своите деца за важноста на жртвувањето и служењето за Господ.

Ен раскажа еден троглив пример како нејзината мајка го подржуваше татко ѝ во неговите црковни позиви. Како новоповикан член на Кворумот на Дванаесетте апостоли, тогашниот старешина Монсон доби задолжение да зборува на општиот свештенички состанок. Френсис се обиде да застане на прагот на салата Солт Лејк Табернакул за да го слуша говорот на својот сопруг, но лицата кои одржуваа ред тоа не ѝ го дозволија, па застана поред прозорецот со желба да може да слушне што е можно повеќе. Сакаше да го слуша, да му ја покаже својата поддршка и често да го придружува при неговите посети на постари лица и на оние со послабо здравје.

Френсис зрачеше со трпение и сочувство кога им служите на другите. Таа нежно се грижеше за својата мајка, која страдаше од рак повеќе од шест години. Во април 1988 година, сестрите на милосрдието од „Вилата Свети Јосиф“, институција за грижа за постари лица, им дадоа на Френсис и на нејзиниот сопруг хуманитарна награда за  континуирана грижа, оддавајќи им признание и на двајцата за нивното посветено и неуморно служење за постарите граѓани на Јута.

Никогаш намерно во центарот на вниманието, Френсис Беверли Џонсон Монсон, секогаш беше полна со сочувство, добрина и поддршка во сè што зборуваше и правеше. Ќе ни недостасува нејзиното тивко влијание насекаде околу нас.

 

 

 

 

1 од 11

Претседателот Монсон и сестра Монсон ја поздравуваат конгрегацијата по одржувањето на седницата на Генералната конференција© 2011 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

 

2 од 11

Претседател Томас С. Monson и неговата сопруга Френсис ги поздрават посетители во Катедралата на Св. Магдалена© 2009 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

3 од 11

Претседателот Монсон со својата сопруга, на денот на нивната венчавка.© 2011 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

4 од 11

Претседателот Томас С. Монсон и Френсис Монсон со нивната ќерка Ен (4) и синот Томи (8) пред нивното заминување на мисија во Торонто© 2011 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

5 од 11

Претседателот Монсон и сестра Монсон служеа мисија во Торонто од 1959 до 1962 година© 2011 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

6 од 11

Претседателот Томас С. Монсон и сестра Монсон© 2011 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

 

7 од 11

Претседателот Томас С. Монсон и сестра Монсон© 2011 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

 

8 од 11

Томас С. Монсон и неговата сопруга Френсис пред храмот Наву Илиноис во денот на неговото осветување© 2013 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

 

9 од 11

Претседателот Монсон и сестра Монсон ги поздравуваа собраните по свеченоста по повод поставувањето на камен-темелник на храмот Дрепер Јута© 2009 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

10 од 11

Претседателот Томас С. Монсон (лево, во бело) и неговата сопруга Френсис, присуствуваат на свеченоста по повод поставувањето на камен-темелник на храмот Дрепер Јута, заедно со другите црковни водачи© 2009 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

11 од 11

Претседателот Монсон и Френсис Монсон присуствуваат на парадата по повод Деновите '47 во Солт Лејк Сити© 2011 Intellectual Reserve, Inc. Сите права придржани.

http://www.mormonnewsroom.org/article/frances-monson-passes-away