13. May 2013

Мормонска делегација на конференција спонзорирана од УНЕСКО во Македонија

Четири делегати од Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни учествуваа на светската конференција на владини службеници, верски претставници и научници што се одржа од 10-12 мај 2013 во Скопје, Македонија. Собирот посветен на дијалогот меѓу религиите и цивилизациите беше трет од ваков вид спонзориран од страна на Владата на Република Македонија и на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО).

 

„Сите сме Божји деца. Сите сме браќа и сестри“, рече Манфред Шуце при обраќањето на конференцијата. Шефот на четиричлената мормонска делегација ги охрабри сите учесници да „ги зајакнат оние врски што ни се заеднички“. Шуце беше придружуван од македонската координаторка за јавни работи Клементина Василева, од европскиот правен советник Дејвид Колтон и од европскиот помошник директор за јавни работи д-р Ралф Грунке.

 

Конференцијата се фокусираше на три теми: плуралистички општества и верска толеранција, соживот со почитување на различностите и придонесот на медиумите во меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог. Во својот говор, Василева истакна дека слободата на богослужба е начело вклучено во основните одредби на црковната доктрина наречени Поставки на верата. „Мораме да бидеме застапници на мирен дијалог, на почитување и создавање на правни платформи за слободата на религијата за сите и гласно да проговориме кога слободата на богослужба на другите е во опасност“, изјави Колтон пред публиката. Д-р Грунке нагласи дека новинарското известување за религијата треба да биде поштено, точно и темелно.

 

Светската конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизацијата се одржува на секои три години. Претставниците на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни исто така активно учествуваа во 2007 и во 2010 година.