ПОСТАВКИ НА ВЕРАТА

Историјат:  Набргу по воспоставувањето на Црквата во 1830 година, како одговор на прашањето, Џозеф Смит, првиот пророк во современо време и основач на Црквата на Исус Христос, ги состави основните учења на Црквата во следните 13 главни точки:  

  1. Веруваме во Бога, Вечниот Отец, и во Неговиот Син Исус Христос, и во Светиот Дух. 
  2. Веруваме дека луѓето ќе бидат казнети поради сопствените гревови, а не поради престапот на Адам.  
  3. Веруваме дека преку помирението на Христос, сите луѓе можат да бидат спасени преку покорување на законите и обредите на Евангелието. 
  4. Веруваме дека првите принципи и обреди на Евангелието се:  прво, вера во Господ Исус Христос; второ, покајание; трето, крштавање со потопување за ослободување од гревовите; четврто, ракополагање за дарот на Светиот Дух.  
  5. Веруваме дека човекот мора да биде повикан од Бога, преку пророштво и ракополагање од оние што имаат овластување, за да го проповеда Евангелието и да ги извршува неговите обреди.  
  6. Веруваме во истото устројство што постоеше во првобитната Црква и тоа апостоли, пророци, пастири, учители, евангелисти и така натаму.
  7. Веруваме во дар за јазици, пророштво, откровение, виденија, исцелување, толкување на јазици и така натаму. 
  8. Веруваме дека Библијата го содржи Словото на Бога, ако е преведена точно; исто така, веруваме дека Книгата на Мормон го содржи Словото на Бога. 
  9. Веруваме во сè што откриваше Бог, во сè што открива сега и веруваме дека Тој ќе открие многу големи и важни нешта за царството Божјо. 
  10. Веруваме во вистинско собирање на Израил и во обновувањето на десетте племиња; веруваме дека Сион (Новиот Ерусалим) ќе биде изграден на американскиот континент; дека Христос лично ќе управува на земјата; и дека земјата ќе биде обновена и ќе ја поврати својата рајска слава.  
  11. Полагаме право на привилегијата да Му се поклонуваат на Семоќниот Бог, според прописите на нашата сопствена совест, и да им ја допуштиме на сите луѓе истата привилегија, да им допуштиме да се поклонуваат на свој начин, во свое место и како што можат.  
  12. Веруваме дека сме под управа на кралеви, претседатели, управители и чиновници, покорни сме на законот, го почитуваме и го поддржуваме. 
  13. Веруваме дека треба да бидеме чесни, верни, морално чисти, добронамерни, доблесни и да им правиме добро на сите луѓе; всушност, можеме да речеме дека го следиме советот на Павле — веруваме во сè, се надеваме на сè, многу сме истрпеле и се надеваме дека ќе бидеме способни сè да истрпиме.  Ако постои нешто доблесно, мило, што е наречено добро или достојно за пофалба, ние го бараме тоа.