ЗАПОВЕДИ

Членовите на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни (Мормони) ги сметаат Божјите заповеди како насоки за праведен живот.  Бог дава заповеди со директно откровение или преку Своите пророци.  Пишани записи за тие откровенија можат да се најдат во Светите писма.  Бог им дава заповеди на Своите деца затоа што ги сака.  Тој знае дека опачноста никогаш не е среќа (види Мормонова книга, Алма 41:10) и дека послушноста кон Неговите заповеди ќе доведе до радост и мир во овој живот и до вечна среќа во животот што ќе дојде.

 
Членовите на Црквата, исто така, веруваат дека е јасно од учењата на Христос во Новиот завет и во Мормоновата книга дека се јавува ефект на прочистување кога ги почитуваме заповедите.  Послушноста не е само во однос на дејствијата на поединецот, туку и во однос на неговите мисли и намери.

Десетте заповеди

Основните заповеди што Бог му ги откри на пророкот Мојсеј во деновите на Стариот завет сè уште важат за членовите на Црквата денес.  Овие заповеди, кои може да се најдат во 20 поглавје на книгата Исход, се:  

  • Немој да имаш други богови освен Мене. 
  • Немој да им се поклонуваш на други богови. 
  • Не изговарај го напразно името на Господа, твојот Бог. 
  • Помни го денот саботен, за да го празнуваш. 
  • Почитувај ги таткото свој и мајката своја. 
  • Не убивај. 
  • Не врши прељуба. 
  • Не кради. 
  • Не сведочи лажно. 
  • Не посакувај го она што го поседува ближниот твој.

Сите пророци после Џозеф Смит, вклучувајќи го и сегашниот пророк и претседател на Црквата, Томас С. Монсон, истакнуваа колку е важно за поединецот, за семејството и за заедницата да се почитуваат Десетте заповеди.  Зголемен акцент се става овие денови на некои од овие заповеди, особено на онаа што понекогаш е наречена „заборавена седма заповед“. Од членовите на Црквата се бара да го почитуваат законот за чедност, што значи сексуална апстиненција пред бракот и целосна верност кон брачниот другар во бракот.

Слово на мудроста

Во 1833 година, Бог на Џозеф Смит му го откри законот за здравјето, за да ги одржуваме нашите тела здрави и способни.  Овој закон е познат како Слово на мудроста.  Во него, голем акцент е ставен врз здравата исхрана и врз физичкото и менталното здравје.  Исто така, во него Бог забранува користење на:

  • тутун, 
  • алкохол, 
  • кафе и црн чај,
  • како и нелегални дроги.

На оние кои го почитуваат Словото на мудроста, Бог им ветува големи физички и духовни благослови.  Современата наука потврдува многу од принципите кои Џозеф Смит ги научи од Бога пред скоро двесте години.

 

Закон за десеток

Принципот на десетокот, кога некој доброволно плаќа една десеттина од својот приход за делото на Господ, е познат уште од времето на Стариот завет.  Аврам му плаќаше десеток на Мелхиседек (Битие 14:17-20). 

Господ ја финансира Својата Црква преку законот за десеток.  Денес, сите активни членови на Црквата на Исус Христос на светиите од подоцнежните дни доброволно плаќаат една десетина од своите приходи во десетокот.  Десетокот се користи за следните цели:  

  • Изградба на храмови, домови за богослужби и други згради.
  • Покривање на административните трошоци на Црквата.  Финансирање на програмата за мисии. 
  • Објавување на материјали кои се користат за подучување и во црковните организации. 
  • Храмска работа и генеологија и бројни други црковни активности. 
  • Образование.

Кога Господ го потсети Својот народ за овој закон преку пророкот Малахија во Стариот завет, Тој вети дека ќе ги благослови оние што се подготвени да платат чесен десеток (Малахија 3:10).  Освен оние веќе споменати, постојат и други заповеди во Црквата кои забрануваат или бараат одредени однесувања.  Сепак, Господ јасно назначува дека преземањето на лична одговорност за своите дејствија е, исто така, едно од Неговите заповеди.  Не е право Тој во сè да заповедува, затоа што оној кој треба на сè да се тера, тој е немарен, а не мудар слуга, па затоа не прима никакви награди.   Луѓето треба со грижа да се заземаат за она што е добро, да направат многу нешта по своја слободна волја и да остварат многу праведност. Затоа што во нив е моќта по која тие самите со себе управуваат,  а доколку прават добро во никој случај нема да ја изгубат својата награда  (види Учење и завети 58:26-28).